Правила за хранење на бебе со шише

Какво шише да одберете: стаклено или пластично?

Стаклото е постојан материјал и стаклените шишиња лесно се мијат и стерилизираат, а и се подолготрајни. Од друга страна, потешки се и постои опасност да се скршат.
Во последниве години пластичните шишиња ја заменија употребата на оние стаклените бидејќи се попрактични, лесни и некршливи. За разлика од стаклото, пластиката е материјал кој е повеќе осетлив на бактерии па стручните лица предупредуваат дека таквите шишенца треба добро да се одржуваат. Причината поради која родителите некогаш прво ги одбирале стаклените шишиња повеќе не е актуелна. Имено, денешните производители на пластични шишиња ги отстраниле штетните состојки, вклучително и бисфенол А.

Како да одберете цуцла?

Постојат два вида на цуцли: гумени и силиконски. Гумената е направена од природен каучук, помека е, еластична е и отпорна на гризење. Поради тоа е погодна за малку поголеми деца на кои им растат запчиња и кои можат да ја гризат. Но бидејќи е од природен материјал, на неа лесно се таложат микроорганизми, и треба често да се стерилизира, а со тоа се губи квалитетот.

Од друга страна, силиконската цуцла е потврда, помалку еластична па детето лесно може да ја прегризе ако има запчиња. Затоа силиконската цуцла е погодна за бебиња до 6 месеци, односно за периодот пред да им израснат запчиња. Отпорна е на високи температури и лесно се стерилизира во жешка вода или микробранова печка.

Хигиена на шишето

Измијте го шишето после секоја употреба. Во почетокот шишето ќе го стерилизирате пред секој оброк. За секој тип на шишенце добро прочитајте го упатството за стерилизација бидејќи од тоа зависи успешното одржување и трајноста на шишенцето.

После третиот месец доволно е шишето да се мие со обична вода и сјај. Но миењето треба да биде темелно и да се измијат сите делови на шишето кои се користеле, а не само оние кои се во контакт со млекото.

Бидејќи во млекото лесно се размножуваат бактерии, важно е да се знае дека останатата односно недојадена млечна формула во шишето не смее повторно да се загрева и да му се дава на детето. Остатокот секогаш фрлете го, измијте го шишенцето и подгответе нова, свежа храна.

Што да му понудите на новороденчето во шише, млечна формула, вода или сок?

На своето новороденче, во шише понудете му измолзено мајчино млеко или млечна формула.
Мајчиното млеко во првите шест месеци ги задоволува сите нутритивни потреби и потребите за внесување на течност бидејќи содржи дури 88% вода, па во првите месеци нема потреба на бебето да му додавате дополнителна количина на вода, освен ако педијатарот не ви препорача поинаку. Истото важи и за бебињата кое се хранат со млечна формула. Млечната формула подгответе ја точно според упатството кое е наведено на кутијата. Немојте да додавате ни повеќе ни помалку вода од наведеното.

Како да одберете млечна формула?

Најдобра млечна формула е онаа која бебето ја прифаќа и со која добро напредува. Важен е и составот на млечната формула и контролата на производот во процесот на производство. Кога детето има некој проблем со варење на храната, карактеристичен за тој период од животот ( повраќање, грчеви, запек ), се препорачува да се употреби специјална млечна формула.

Дали млечната формула смее однапред да се припрема?

Млечната формула најдобро е секогаш да се припрема непосредно пред оброк бидејќи единствено така можеме да бидеме сосема сигурни дека формулата е беспрекорна. За поедноставно хранење во текот на ноќта родителите можат претходно да ја превријат водата и да ја чуваат во термос.

Како да подготвите млечна формула?

Придржувајте се на упатството на амбалажата. При мешањето важно е водата да има 40 С. Така млекото најдобро се раствара, а истовремено се задржуваат корисните состојки (како што се витамини и пробиотици). Меѓутоа, некои млечни формули бараат и вода со повисока температура. Ви препорачуваме најпрво шишенцето да го „протрлате„ меѓу дланките и потоа лесно да го протресете за да се раствори млечната формула. Кога ќе му го дадете оброкот на бебето, нека биде изладен на 37 С.

Како ќе знаете дека хранењето е завршено?

Детето најдобро само ќе го регулира внесувањето на храна во согласност со своите потреби. Наместо да се држите на фиксни количини, дозволете му само да ви покаже кога му е доста. Ако стане немирно за време на хранењето, веројатно е дека сака да прекине со хранење. Ако и откако се ќе испие, продолжува да цица и влече воздух од празното шише, детето уште е гладно.

Како да му помогнете на бебето да ждригне?

Задржувањето на воздух во цревата може да предизвика болка. Вообичаено е бебето во текот на оброкот да го подигнете еднаш, а по завршување со хранењето уште еднаш. Ова е особено важно кај малите доенчиња (во првите месеци на животот).

Стручните лица ги предлагаат следните положби:
1. Држете го бебето во седечка положба во вашето крило, така да гледа на страна. Едната рака поставете ја на грбот, а другата на стомачето. Привлечете го накај себе и енергично и трлајте му го грбчето со движење горе-доле.
2. Земете го детето во рацете и ставетему ја главата на своето рамо, а потоа трлајте му го грбот.
3. Ставете го на стомак на вашето крило и трлајте му го грбот. Кога ќе го вратите во седечка положба, тоа ќе ждригне.

При подждригнувањето, бебето може малку да поврати, што е нормално. Секако имајте го во предвид фактот дека немаат сите бебиња потреба од подждригнување после секое хранење.

Враќање на храната - бљуцкање

Зборот „бљуцкање„ го употребуваме кога храната од желудникот повратно излегува низ устата, обично во мали количини. Враќањето на храната е својствена појава кај бебињата во првите недели и месеци од животот. За да го смалите бљуцкањето, после хранењето бебето полека подигнете го во вертикална положба и така нека остане околу 20 минути, без разлика дали ждригнало или не. Исто така, важно е да желудникот не биде премногу полн бидејќи во таков случај повраќањето е неизбежно.

Дали треба да ја промениме млечната формула?

Доенчињата меѓусебно се разликуваат, затоа на сите не одговара секогаш иста млечна формула. Ако забележите дека на доенчето не му одговара млечната формула, заменете ја со друга. Понекогаш бебињата имаат пролив, повраќаат, имаат сува кожа со црвенило, нервозни се и немирни, што може да бидат и симптоми на алергија и за тоа треба да го известите вашиот педијатар. Педијатарот најверојатно ќе ви препорача посебно прилагодена млечна формула.

Едноставни први оброци

После 17-тата недела, односно после наполнети 4 месеци од животот, време е за воведување на нови намирници и дополнителна храна (дохрана) кај доенчињата. Воведувањето на дохрана пред оваа возраст никако не се препорачува, бидејќи системот за варење кај доенчињата не е доволно развиен за да се бори со готовата храна. Исто така важно е и тоа да не го одложуваме предолго воведувањето на дохраната. Кај сите доенчиња со дохрана треба да се почне до 26 тата недела од животот.

Прочитај повеќе
Андреја Ширца Чампа
Андреја Ширца Чампа,
дипл. инж. прех. техн.
клинички нутриционист

Aлергија или неподнесување на лактоза?

Неподнесувањето на кравјо млеко е релативно чест проблем кај деца. Меѓутоа, не е исто ако Вашето дете има алергија или интолеранција.

Прочитај повеќе
Тајана Вурт
Тајана Вурт,
Стручен соработник за Novalac
Статии за правилна исхрана на доенчиња