Млеко во исхраната на децата

Млекото е една од најважните и најпознатите намирници во детската исхрана, но она на што треба да внимавате е кое млеко, кога и колку да го употребувате.

Најчести прашања на родителите се кога, како и со што да ја започнат дохраната кај доенчиња, а со тоа следи и прашањето како и кој облик на млеко да го воведат во детската исхрана. Нутритивните потреби на едно здраво доенче, до приближно 6. месеци, целосно ги задоволува мајчиното млеко, а ако доењето не е можно, високо квалитетна млечна формула (адаптирано кравјо млеко).

"Млекото е најсовршената природна храна"
Хипократ, 400 год. пр. н. e.

Со влегувањето не доенчето во 6. месец, односно во 26. недела од животот се почнува со дохрана (никако не смее да се почне пред 17. недела, а ни после 26. недела од животот на доенчето), но важно е да напоменеме дека мајчиното млеко и понатаму е главен извор на хранливи материи.

Почетокот со дохрана, изборот на намирници и воведување на кравјо млеко во исхраната зависи од климата, културата и прехранбените навики.

Мала количина на кравјо млеко може да се додава во детските кашички уште од седмиот месец, меѓутоа кравјото млеко како единствен млечен напиток не се препорачува пред доенчето да наполни 1. година, а и понатаму. Во голем број држави се препорачува воведувањето на кравјото млеко да се помести после наполнета 1. година, а стручните лица на пример од Канада, Шведска и Данска препорачуваат негово воведување во периодот помеѓу 9. и 10. месеци. 

Ваквите препораки се резултат на честите негативни последици врз здравјето на децата кои настанале како резултат од прерано воведување на кравјото млеко во исхраната како единствен млечен напиток. Пред се, големи количини на кравјо млеко може многу да го намалат внесот на мајчино млеко и да предизвикаат крварење на системот за варење и анемија. Составот на кравјото млеко значително се разликува од составот на мајчиното млеко, затоа доенчињата кои не се хранети со мајчино млеко и/или адаптирана млечна формула туку со кравјо млеко, не внесуваат доволно витамин Е, железо, цинк и есенцијални масни киселини, а внесуваат премногу протеини, натриум и калиум кои ги оптеретуваат органите за варење и бубрезите.

За подготовка на кашичка најдобро е да го употребите млекото кое детето обично го пие, значи мајчино или адаптирано млеко. Ако се варат, овие млека ќе изгубат дел од хранливите состојки но и понатаму остануваат многу поквалитетен избор од другите видови млеко, било тоа да се од животинско (кравјо, козјо, овчо) или од растително (соино, оризово, овесно) потекло.

Во исхраната на доенчиња мајчиното млеко е неспоредливо со другите видови на млеко, а за деца од 1. до 3. години млекото и млечните производи се одличен извор на протеини, калциум и витамини растворливи во масти.

Според препораките на Европското здружение за гастроентерологија, хепатологија и исхрана кај деца (ESPGHAN) и Светската здравствена организација за децата на оваа возраст се препорачува млечен оброк (400 до 500 мл), млеко или млечни производи на ден како би ги задоволиле дневните потреби за калциум (дневната доза е 500 мг/ден).

Козјото млеко нема поголема нутритивна вредност од кравјото млеко, неговата предност е тоа што содржи повеќе средноверижни масни киселини, кои подобро се ресорбираат. Важно е да се знае дека козјото млеко е сиромашно со фолна киселина и затоа кај деца кои се хранети исклучиво само со козјо млеко често се јавува мегалобластна анемија.

Овчото млеко има висока содржина на протеини во својот состав, дури шест пати повеќе од мајчиното млеко, исто така и калциум и други минерали, па затоа и тоа како и козјото и кравјото млеко не се препорачува во исхраната на доенчиња.

Многу е важно да напоменеме дека количините на млеко и млечни производи треба да бидат ограничени на препорачаните дневни потреби. Всушност, прекумерното консумирање на млеко може да има и тешки последици врз здравјето: слаба телесна ухранетост, анемија и запек.
Да заклучиме, млекото е многу важна хранлива намирница, но треба да се знае кое млеко, кога и колку да се употребува!

Aлергија или неподнесување на лактоза?

Неподнесувањето на кравјо млеко е релативно чест проблем кај деца. Меѓутоа, не е исто ако Вашето дете има алергија или интолеранција.

Прочитај повеќе
Тајана Вурт
Тајана Вурт,
Стручен соработник за Novalac
Статии за правилна исхрана на доенчиња