Зимско овошје

Овошјето е најраспространето чудо на природата. Ниедна друга храна нема толку богатство на боја, мирис и вкус. Без разновидното овошје секојдневната исхрана би била бескрајно досадна, а нашето тело без голем број витамини и минерали. Во зимскиот период во нашите краеви има малку овошје. Презимуваме со различни видови на домашни јаболка и круши. Другото овошје е ограничено на увоз од топлите краеви и затоа често доаѓа во помала количина кај нас. Затоа до пролет, зимницата односно смрзнатото овошје, компотите и мармаладите од праски, кајсии, боровници и малини кои сме ги припремале во текот на летото, ќе бидат добредојдени на зимската трпеза за нас и нашите доенчиња.

Ја продолжуваме приказната за овошјето прилагодено за исхрана на доенчиња во зимскиот период. Следат неколку зборови за јаболкото, потоа приказната за крушите и јапонските јаболка – каки.

Јаболка

Прататковина на јаболката е Средна Азија. Од таму дрвата и плодовите во текот на неколку векови се рашириле и во Европа (први почнале да ги одгледуваат Римјаните). Денес познаваме повеќе од 7000 видови на јаболка. Кај нас јаболкото е најчесто овошје. Грубата поделба на јаболката е на трпезиски јаболка, јаболка за готвење, разни видови кисели јаболка и други.

Јаболка кај запек или пролив

Јаболката се сметаат за најсовршено и најхранливо овошје. Во споредба со другите овошја, јаболката содржат многу помалку витамини и минерали, но во зависност од видот, јаболкото е добар извор на витамин Ц, содржи многу пектин и други влакна па затоа е основа на оброците за здрава храна. На доенчињата и малите деца можете да им помогнете и да го реулирате варењето со кашичка од јаболка. Свежата кашичка од неолупени јаболка која ќе му ја подготвите на доенчето може да ја спречи појавата на запек. Овошната каша од лупени јаболка која ќе ја оставите да одстои на воздух некое време за да јаболката оксидираат (ќе потемнат) и на која ќе додадете пола банана, ќе ја спречи појавата на пролив кај доенчето.

Освен витамин Ц и нутритивните влакна, јаболката содржат и доволна количина на калиум кој е важен минерал за одржување на баланс на течностите. Енергетската вредност на јаболката е просечно 50kcal/215kJ во 100 гр.

За ужина, кашичката од јаболка може да ја збогатите со овесни снегулки и обичен јогурт. Варени јаболка со малку цимет, може да ги комбинирате со пире од компир како оброк за ручек.

Круши

Крушата спаѓа во ист род со јаболкото и исто така има многу видови на круши. За разлика од јаболкото е многу поосетлива, брзо почнува да скапува и за време на чување бара повеќе внимание.

Како и јаболкото, крушата прво се одгледувала во Азија и Европа. Во Италија биле познати повеќе од 200 видови на круши, во Франција уште 300 бидејќи ги обожавал кралот Луј 14. Денес се смета дека на светот постојат повеќе од 5000 различни видови на круши.

Најпозната е крушата вилјамовка. Таа е голема, со неправилен облик, со испакнат дел на едната страна и сочен, ароматичен и мек внатрешен месест дел со сладок вкус. За жал, крушите не можат долго да стојат и брзо скапуваат. Освен обичната вилјамовка, позната е и црвена вилјамовка чија зелена кора постепено станува црвено-жолта и е сочна исто како обичната вилјамовка. Исто така, омилени се и крушите од видот конферанс, кои доаѓаат од Велика Британија и се нешто поотпорни на скапување, со дебела жолто-зелена кора со кафеави точки. Под дебелата кора се крие сочниот месест дел.

Крушите се извор на витамин Ц и растителни влакна, секако ако ги јадеме со кората и кога се зрели. Енергетската вредност се движи околу 70kcal/292kJ во 100 гр., нешто повеќе од јаболката.

За исхраната на доенче одберете ги помеките видови на круши (вилјамовка или конферанс), тие полесно се варат. После кашичка од свежи круши детето може да има гасови, затоа препорачуваме при воведувањето на круша во исхраната, кашата од круша да ја измешате со каша од јаболко или банана.

Јапонски јаболка – каки

Каки или јапонски јаболка се посебно овошје, или премногу го сакаш или остануваш рамнодушен према него. Татковина на јапонското јаболко е Јапонија и за нив тоа е храна на боговите.

Денес познаваме два вида на јапонско јаболко, кај нас обично се одгледува јапонското јаболко со кора која не се јаде, која треба да ја олупиме. Израелците во долината Sharon го одгледуваат видот Sharon Fruit, кој се јаде заедно со кората додека плодовите се тврди. Овој вид на јапонско јаболко не е многу вкусен.

Јапонските јаболка кај нас се берат кога плодовите се зелени и тврди, а потоа се оставаат во сандаци на отворено да созреат. Тие добро поднесуваат ладно време, но не смее да се дозволи да замрзнат. Складиштата во текот на зимата се заштитуваат од ветер при што се покриваат со хартија и ќебиња. Незрелите плодови од јапонското јаболко се кисели и не се јадат. Добро зрелите се меки со киселкасто благ вкус. Созреваат на собна температура во период од десет дена.

Енергетската вредност на јапонското јаболко е мала, само 30kcal/120kJ во 100 гр. Богато е со витамини А и Ц, витамини од групата Б, содржи многу калиум, магнезиум, флуор и пектин кои го регулираат варењето на храната.

Во исхраната на доенчиња можеме да го користиме и поради неговата мекост. Бидејќи е богато со растителни влакна, советуваме да го употребувате во комбинација со други овошни кашички, на пример со каша од јаболко и банана. Ужината од јапонско јаболко и банана ќе биде освежувачка и похранлива ако и додадете кашичка од младо (свежо) сирење. На децата можете со каки да им го засладите обичниот јогурт или да им подготвите домашно овошно сирење со интересна боја.

Ако имате поголема количина јапонски јаболка, а не можете да ги искористите, може од нив да подготвите вкусен мармалад со додавање на малку желатин или ако сакате да биде поблаг додадете желатински шеќер. Мармаладот ставете го во топли тегли додека е уште топол и чувајте го во фрижидер. Со него ќе го збогатите Вашето мени во текот на зимата. На своето дете може да му го намачкате на интегрален леб или со него да му го засладите млекото.

Aлергија или неподнесување на лактоза?

Неподнесувањето на кравјо млеко е релативно чест проблем кај деца. Меѓутоа, не е исто ако Вашето дете има алергија или интолеранција.

Прочитај повеќе
Тајана Вурт
Тајана Вурт,
Стручен соработник за Novalac
Статии за правилна исхрана на доенчиња